11/02/2025
Почитувано тркачко семејство,
Дојде ред да одговориме на сите приватни пораки и коментари со прашања во врска со најавената трка која требаше да се одржи во Март, па да не одговараме поединечно еве сакаме да ви се обратиме на сите со една детална објава во која ќе ја објасниме целата ситуација и воедно ќе ве оставиме самите да извлечете заклучок.
Да почнеме со ред за редоследот на настаните да биде целосно јасен. Некој најпрвин ќе се праша зошто се прекина традицијата за одржување на нашата трка 2024 година? Причината е доста едноставна и не беше заради недостаток на средства и поддршка, туку нашата проценка и убедување дека доколку не најдеме слободен викенд и датум за одржување, едноставно не е фер и етички на веќе однапред договрен настан да влегуваме и да го „ситниме“ и така малиот број на тркачи кои се решаваат да патуваат и да учествуваат и во крајна мера да влијаеме на успешноста. Зад таа одлука која сме ја донеле, макар и на наша штета, сеуште цврсто стоиме.
Понатаму, во истиот дух, уште на самиот почеток на година во координација со Таг Тајминг уредно разгледавме и избравме датум со кој нема да сметаме во организација на ниедна друга трка, односно 23.03.2025 и после сите подготовки истиот датум беше објавен на социјалните мрежи. Се беше спремно за објава на датуми и рокови за пријавување кога пристигна изненадувањето за кое се научивме од интернет страната на Таг Тајминг каде на истиот датум, без никој да не контактира, се појави уште една трка и ги смеша сметките.
Соочени и исправени пред еден таков предизвик, во кој сите организатори на трки се бориме со притисокот за тркачките настани кои ги организраме да добијат на масовност и да не се доживуваат како приватна забава во која се затвараат градовите за некој да си прави „ќеф“, ние сметаме дека такви поединечни чинови на себичност, ароганција и суета не им е местото во спортот и не може да се пример на фер и спортско однесување.
Од сите погоре наведени причини сакаме да соопштиме дека полумаратонот Струмица на улица СЕ ОДЛОЖУВА НА НЕОПРЕДЕЛЕНО ВРЕМЕ, се додека не се створат поволни општествени услови за негово одржување, а Вам драги тркачи, спортисти и вљубеници во спортот, како што спомнавме на почетокот Ви оставаме да извлечете заклучок.
Со почит,
Тимот на Струмица на Улица